1. Да се прегледа предлог законот за грешки во правопис и членување бидејќи создава нејаснотии На пр: чл.2.6. ‘нафтени деривари‘, чл.13(3) ‘Нацрт ланот‘, чл.103(4) ‘соодветниот операторот‘. Во предлог законот има многу англицизми (пр. ‘лајнпак‘) за кои предлагаме да се најде соодветен збор во македонскиот јазик и доколку е потребно да се објасни во чл. 3 дефиниции
2. ‘балансен механизам‘ чл.3(1)/7 спомнат само тука и никаде повеќе, ‘примарен пазар‘ нема дефиниција, спомнат само во чл.217 и никаде повеќе, ‘секундарен пазар‘ нема дефиниција, ‘внатрешна информација‘ чл.3(1)/16 спомната само тука и никаде повеќе, ‘лајнпак‘ чл.3(1)/62 спомнат само тука и никаде повеќе, ‘мерка за поддршка‘ чл.3(1)/69 спомната само тука и никаде повеќе, ‘национални TCM‘ чл.3(1)/70 спомнати само тука и никаде повеќе, ‘најдобри достапни техники‘ чл.3(1)/71 спомнати само тука и никаде повеќе, чл.3(1)/78 и чл.3(1)/79 два члена дефинираат ист поим, ‘транзит на енергија‘ чл.3(1)/155 спомнат само тука и никаде повеќе (освен тоа Директивата 2003/55/ЕС ја укина правната разлика меѓу транзит и транспорт па нема потреба од дефинирање на поимот).
3. Во чл.3 Дефиниции:
• ‘Балансен механизам‘. Дефиницијата не е добра. Типичен балансен механизам го специфицира времето и просторните граници во кои балансно одговорната страна мора да се балансира. Балансниот механизам ги определува и надоместоците за дебаланс кои треба да ги одразуваат трошоците кои ги има операторот на системот за гас при балансирање на системот.
• ‘Балансирање‘ чл.3(1)/8. Дадена е дефиниција за физичко балансирање. Балансирањето претставува врска меѓу физичките карактеристики (параметри) и комерцијалните односи во преносниот систем. Физички параметри се цевовод, мрежа, гас, притисок, проток, акумулација и тн. Комерцијалните односи се правила под кои балансирањето на системот се врши. Балансирањето овозможува сè да функционира како треба, т.е. ги држи под контрола физичките параметри и правилата.
• ‘Лајнпак‘ чл.3(1)/62 (анг. Line-pack). Нејасна и неточна дефиниција. Што е актуелна количина на гас? ‘Line-pack‘ на македонски се преведува како акумулација и претставува вкупна количина на гас во гасоводот. Таа количина тече од зона со повисок притисок кон зона со понизок притисок и не се користи за краткорочно одржување на сигурност во работата и балансирање на системот. Треба јасно да се разликува поимот line-pack (акумулација), од поимот line-pack flexibility, кој на македонски се преведува како оперативна акумулација, и кој претставува количина на гас која се менува со менување на работниот притисок меѓу максимална и минимална вредност и особено е погодна веднаш да ги усогласи кусорочната нерамнотежа меѓу понудата и побарувачката на гас.
• ‘Пристап на трета страна‘ (ПТС) чл.3(1)116. Дефиницијата не е добра. ПТС е систем или принцип или режим според кој се организира одреден енергетски пазар (електрична енергија, гас, топлинска енергија). Тој се состои од 7 битни, неделиви, иманентни карактеристики кои ги дефинираат можностите и ризиците на учесниците на соодветниот енергетски пазар. Тие карактеристики се: (1) услуги, (2) тарифи, (3) доделување на капацитети, (4) управување со загушување, (5) балансирање, (6) тргување со капацитети, (7) одговорност/пенали, квалитет на гасот и сопственичко раздвојување
• „граѓанска енергетска заедница“ - ваква дефиниција веќе постои во законот за задругите (Службен В. на Р.М. бр: 101/2023 од 16.05.2023). Предлагаме овие два закони да се усогласат еден со друг и дефиницијата за „граѓанска енергетска заедница“ да остане само во Законот за енергетика и да се избрише од Законот за задругите
4. Во чл.11 во ставот (1) после точка 12 се додава нова точка 13 која гласи „придонес кон зголемување на напорите за зајакнување на глобалниот одговор кон заканата од климатските промени, согласно долгорочната цел на Законот за ратификација на Договорот од Париз, како и постигнување на климатска неутралност на Република Северна Македонија до 2050 година“; усогласување со чл.2 од нацрт законот за климатска акција
Во вториот дел: Енергетска политика
• Да се регулира и дефинира организациската структура за спроведување на процесот на праведна транзиција во државата согласно Заклучокот на Влада на Република Северна Македонија од 13 јуни, 2023. Избор и работа на Националниот совет за праведна транзиција.
• Да се дефинира местото и начинот на донесување на Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен на Република Северна Македонија (бидејќи беше донесен во постапка за стратешки документи)
• Да се дефинира улогата на Патоказот за праведна транзиција (2022) во Енергетската политика
• Да се додаде дека енергетските политики треба да бидат усогласени со ЕУ регулативата за фонд за праведна транзиција (REGULATION (EU) 2021/1056)
член 2
Во согласност со вториот потстав од член 5(1) од Регулативата (ЕУ) 2021/1060, JTF ќе придонесе за единствената специфична цел да им се овозможи на регионите и луѓето да се справат со социјалните, вработувањето, економските и еколошките влијанија од транзицијата кон целите на Унијата за 2030 година за енергија и клима и климатско неутрална економија на Унијата до 2050 година, врз основа на Парискиот договор“
• Местото и форматот на еквивалентот на територијалните планови за праведна транзиција треба да биде дефиниран со законот за енергетика
5. чл.102 иако носи наслов ‘Пристап на трета страна‘ нема ниту еден збор со кој се опишува што е тоа ПТС. Наместо тоа, нареден е список на корисници и мерки кои ги преземаат операторите за ограничување на пристап и отстранување на ограничувањата за пристап. Потребно е членот да се преработи и ПТС детално да се опише со сите каракактеристики од погоренаведената предлог дефиниција од точка 3 од овој документ (ПТС е систем или принцип или режим според кој се организира одреден енергетски пазар (електрична енергија, гас, топлинска енергија). Тој се состои од 7 битни, неделиви, иманентни карактеристики кои ги дефинираат можностите и ризиците на учесниците на соодветниот енергетски пазар. Тие карактеристики се: (1) услуги, (2) тарифи, (3) доделување на капацитети, (4) управување со загушување, (5) балансирање, (6) тргување со капацитети, (7) одговорност/пенали, квалитет на гасот и сопственичко раздвојување)
ПТС е спомнат 33 пати во предлог законот: од тоа еднаш во чл.3 и два пати во наслов. Во останатиот текст терминот не е користен правилно, т.е. не е користен како поим кој претставува систем (принцип или режим) според кој економски независните претпријатија кои работат во енергетскиот сектор имаат законски применливо право за користење на различни енергетски мрежни објекти во сопственост на други компании.
Чл.216(1)/1 – не е јасно што значи ‘постојан или прекинлив ПТС‘? Го нема во чл.3 Дефиниции.
Чл.221(1)/1 – Недостасува дефиниција во чл.3 Дефиниции за “ефикасен ПТС”
Чл.248(1)/7. и чл.249(1)/7 -Недостасува дефиниција за договорен ПТС во чл.3 Дефиниции. Во сите други членови каде е спомнат ПТС се работи за ‘регулиран‘ ПТС и истото треба да се објасни и точно дефинира.
Во обврските на РКЕ да се додаде одобрувањето на регулираниот ПТС.
6. Закон за енергетика и други закони. При исполнување на своите обврски согласно овој закон, операторите на системите често се соочуваат со потешкотии (контрадикторности) при толкувањето на приоритетноста на примената и важењето на законите. Најчест случај на контрадикторност на одредбите на овој закон и законот за јавни набавки се јавува при потребата за набавка на соодветна опрема и резервни делови за квалитетно одржување на високо ниво, како што бара овој закон. Неопходно е да се утврдат надлежности и приоритетот на примена меѓу законот за енергетика и законот за јавни набавки.
7. Да се разгледа можноста за изработка на 4 одделни закони: закон за електрична енергија, закон за гас, закон за топлинска енергија и закон за нафта и нафтени деривати. Текстот во нив ќе биде поедноставен, разбирлив и практично усмерен кон соодветните корисници. Така и ќе се избегнат повторувањата ‘и/или‘, ‘испорачува/прима‘ и т.н., кои се несвојствени на македонскиот јазик.