На Годишната средба на Националната климатска коалиција во Скопје на 15-16 декември 2023 година беше разговарано дека поради големиот број процеси кои се случуваат истовремено во енергетскиот и климатскиот сектор, климатската коалиција треба да има позиции што ќе ги застапува во овие процеси. Присутните разговараа за содржината на препораките кои носителите на одлуки треба да ги имаат предвид при донесување политики, закони и мерки од значење за климатскиот и енергетскиот сектор. Во енергетските препораки потребно е да се усогласи терминологијата за заштитените подрачја и да се земат предвид сите подрачја заштитени со меѓународни конвенции и декларации. Локалните организации се загрижени што ниедна енергетска политика не содржи планови на кои ќе се реализираат енергетски проекти, туку се спроведуваат ад-хок, што го отежнува следењето на процесите, а инфраструктурните проекти се менуваат според потребите на бизнис интересите наместо интересите на граѓаните, особено локалните заедници. Честото користење на терминологијата стратешки инвестиции во законите и политиките за енергија, клима, природа, транспорт, отпад и неможноста за учество на јавноста во планирањето и извршувањето на стратешките инвестиции претставува огромна закана за одржливиот развој на земјата и исполнувањето на ветените климатски и енергетски цели.

Енергија

1. Да се забрза развојот на обновливи извори на енергија за да се постигнат амбициозните енергетски цели и целите за заштита на биодиверзитетот

Постигнувањето на целите кои се предвидени во новата и амбициозна Стратегија за развој на енергетиката, подразбира забрзување на изборот на локации за изградба на енергетски објекти кои се економични, како што се ветерни и соларни инсталации, и кои ќе ги заштитат природните ресурси и заштитените подрачја, а истовремено ќе го препознаат придонесот на заедниците, потребите на сите чинители и еколошката правда.

2. Да се приоритизира и да се забрза процесот на просторно планирање кое ќе интегрира поставување на енергетски капацитети со минимално негативно влијание
Процесот на изготвување на новиот просторен план е потребно да биде приоритет, а неговото донесување треба да се забрза за да се избегнат одлагања на одлуките за енергетското планирање. Поставуањето на енергетските капацитети кое вклучува обновливи енергетски ресурси, енергетската инфраструктура, и социјалните и еколошките фактори, треба да бидат составен дел од процесот на планирање на просторот, а релевантните институции своите одлуки за избор на локациите треба да ги засноваат на научни истражувања и податоци. Вклучувањето на што повеќе релевантни експерти и засегнати чинители во процесот, ќе обезбеди ефективно учество на јавноста во сите фази од донесувањето на просторниот план.

3. Да се зајакнат заедниците за да се вклучат во развивање на проекти за искористување на обновливи извори на енергија
За да биде забрзано развивањето и спроведувањето на ветерни и соларни проекти, потребно е да се носат одлуки на централно и на локално ниво; на општинските власти и заедници им е потребна поддршка за ефективно да учествуваат во процесот. Со цел тие да имаат знаење на темата и да бидат ефективни партнери во енергетското планирање и да придонесат за иднината со чиста енергија, на општинските власти и заедници им се потребни веродостојни насоки, алатки, ресурси и поддршка во планирање на просторот, како и најдобри практики за проактивно планирање на енергетски проекти од обновливи извори.

4. Да се зачуваат природните живеалишта и заштитени подрачја
Инвестициите во обновливи извори на енергија мора да бидат приоритет, но не по цена на уништување на природните ресурси и загуба на екосистемите. Предложените и прогласените заштитени подрачја, како и оние што се меѓународно назначени (Натура 2000, Емералд, ИПА, ИБА, КПБ) мора да бидат зачувани, а во процесот на енергетското планирање треба особено внимание да се посвети на избегнување на можните негативни влијанија од проектите за искористување на обновливите извори на енергија кои се во нивна близина. Заштитарите и релевантните институции треба да имаат клучна улога во идентификување на таквите закани и да ја ограничат нивната појава уште во фазата на планирање на проектите.

5. Да се поттикне заштита на земјоделското земјиште кое ќе биде усогласено со развивањето на проекти за обновливи извори на енергија
Сопствениците на земјиште, земјоделците и општинските претставници, треба да бидат едуцирани за придобивките и влијанието кое обновливите извори го имаат врз земјоделието, но потребно е да имаат и пристап до ресурси кои ќе им помогнат да ги интегрираат најдобрите практики за ублажување на влијанијата од процесот на енергетското планирање и зонирање врз земјоделските површини. Во процесот на планирање и донесување на одлуки, приоритетот треба да биде кон зачувување на квалитетно и плодно земјоделско земјиште.

6. Да се обезбедат едукативни програми и обуки на сите нивоа
Институционалните капацитети на централно и локално ниво мора да бидат унапредени со цел да се постигнат амбициозните енергетски и климатски цели, како и целите за зачувување на биодиверзитетот. На државните службеници, експертите, како и локалните заедници им е потребен пристап до различни можности за едукација и обучување за развивање на проекти за обновливи извори на енергија, заштита на животна средина, но и други важни социо-економски фактори. Неопходно е да се креира научна база на податоци и ресурси, како и база со отворен пристап до истражувања за локалните потреби и предизвици кои ќе бидат споделени со сите засегнати и релевантни чинители.

7. Да се подобрат можностите за учество на јавноста на сите нивоа
Учеството на јавноста во раната фаза на донесување на одлуки треба да биде подобрена на сите нивоа. Вклучувањето на граѓани и засегнати групи, експерти и стручни лица со нивните ставови во процесот на донесување на одлуки ќе придонесе кон креирање на одржливи решенија кои ќе имаат придобивки за сите. Сеопфатен пристап кој вклучува различни засегнати страни и поддржува партнерство со локални заедници, локални граѓански здруженија, експерти и професионалци ќе придонесе кон намалување на еколошките неправди, но и ќе помогне кон успешно спроведување на проектите за искористување на обновливата енергија. Ова е особено важен аспект за градење на довербата помеѓу граѓаните и државните институции. Исто така, ваквиот пристап ќе го намали локалното незадоволство, одложувањата во спроведувањето на одлуките и судските спорови кои често се појавуваат во овој тип на проекти.

8. Да се споделат придобивките од искористување на обновливи извори на енергија
Проектите за искористување на обновливи извори на енергија можат позитивно да придонесат за локалните економии, преку вработување на локалното население, данокот на доход, подобрување на локалната инфраструктура и индиректните економски активности. Истовремено, ваквите проекти овозможуваат прифатлива и пристапна енергија со минимални негативни влијанија. Овие придобивки треба да бидат промовирани и јасно соопштени до сите засегнати страни, со цел тие да бидат добро разбрани и со тоа да се зголеми нивото на доверба помеѓу граѓаните и државните институции.

9. Да се поттикне децентрализација на производството на енергија
Производството на енергија треба делумно да се децентрализира, а општините да играат значајна улога во развојот на проекти за обновливи извори на енергија кои придонесуваат за енергетска независност, локално вработување и пристап до енергија. Истовремено, општините можат да имаат активна улога и да придонесат за намалување на емисиите на стакленички гасови и трансформирање на економиите.

10. Да се спречат сите планирани и отпочнати проекти во спротивност со принципите на енергетска транзиција

Спречување на веќе планираните или отпочнати проекти што водат во спротивна насока од праведната и зелена енергетска транзиција, при што главно треба да се делува на спречување на рудникот за лигнит во Живојно, рационализирање на гасификацијата, спречување на неодржливо користење на хидро енергијата и биомасата, и спречување на продолжување на работата на термоелектраните. Како дел од алатките за ова е и посветеноста на решавање на аерозагадувањето, како највидлив и најштетен ефект од користењето фосилни горива.

11. Формирање на Фонд за енергетска ефикасност

Со цел намалување на потребата од нови големи инвестиции во енергетиката, а и проекти со непропорционално голема штета потребно е стимулирање на енергетската ефикасност и активирање на фондот за енергетска ефикасност кој освен за големите потрошѓувачи на енергија мора да е достапен и за домаќинствата.

Клима

1. Kлиматските цели за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 и постигнување нула емисии до 2050 треба да се пресликаат во сите релевантни сектори, особено секторот енергетика кој најмногу придонесува за емисиите на стакленички гасови на земјата. Мерките за климатска акција да се интегрираат во сите сектори со цел да се подобри разбирањето на останатите институции за климатски промени и да се обезбеди навремено и забрзано спроведување на иститe.

2. Јасно дефинирање на улогите на институциите во имплементација на мерките за климатска акција како и зголемување и подобрување на нивните административни капацитети.

Изработка на функционална анализа и соодветна систематизација задолжителна за сите институции со надлежности во климатска акција
Изработка на програма за зголемување на капацитетите за клима во сите институции како дел од подзаконските акти на законот за климатска акција

3. Усвојување на законот за климатска акција и Национален план за адаптација

4. Воведување на јаглероден надоместок и да започне користењето на Механизмот за прекугранично оданочување на јаглеродните емисии, такашто ќе треба да се процени и/или следи влијанието и спроведувањето на ваквото оданочување, како и користењето на средствата кои се прибираат по тие основи.

5. Двогодишна ревизија на степенот на спроведеност на плановите и мерките за климатска акција (од стратегијата, НПЕК, НАП, НДЦ и законот)

6. Тесна соработка помеѓу општините и МЖСПП во процесите на пишување и имплементација на локалните планови за енергија и клима.

7. Подобрување на учеството на јавноста во носењето на одлуки и политики

Донесувањето на климатските политики да се спроведе на транспарентен начин обезбедувајќи доволно долг временски период за спроведување на овие процеси и соодветно информирање на јавноста и со вклучување на сите засегнати страни.

8. Eдукација за климатски промени за сите општествени групи

Потребно е да се спроведат образовни програми и кампањи за едукација за клима за сите општествени групи, но особено за деца од основно и средно образование, наставничкиот кадар и родителите.