Во рамки на програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ на 24 април 2025 година во Скопје организиравме настан за презентација на методологијата за ПЗН (Пост Законодавен надзор) на законодавството за животната средина и климатските промени во Република Северна Македонија.
Целта на настанот беше да се отвори дискусија за користење на ПЗН како инструмент и водич за успешна имплементација на обврските кои произлегуваат од Законот за животна средина и Законот за климатска акција. На настанот присуствуваа претставници на релевантни институции, академската заедница, граѓанските организации и пратеници од собранието.
Нашата методологија имаше задача да состави база на податоци за вклучување на ПЗН алатката во нашата правна регулатива; да ги анализира трендовите на имплементација на ПЗН алатката; да се процени влијанието на одлуките врз политиката и зачувувањето на животната средина и климата; да се оцени ефективноста на законските рамки во решавањето на еколошките и климатските прашања. Според нашата анализа пост законодавниот надзор би се вовел со нов член во преодните и завршни одредби и би се спроведувал на одредени делови од законот на секои 3- 5 години. Надлежен за спроведување на ПЗН е Собранието на Р.С.Македонија како носител на законодавната власт во државата, но и тело каде може да се отвори јавна и широка дискусија за проблемите со неспроведување на регулативата.
Фази на спроведување на ПЗН алатката
- ФАЗА НА ПЛАНИРАЊЕ: дефинирање цели и опсег, план за собирање податоци, план за консултации, и преглед на агенциите за спроведување и спроведување на законодавството.
- ФАЗА НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА: спроведување на консултации и вклучување на јавноста; анализирање на наодите на ПЗН; и нацрт-извештај за ПЗН.
- ФАЗАТА НА СЛЕДЕЊЕ: споделување на ПЗН извештајот пошироко; барање одговор од владата; подготвување на план за следење, и проценка на регулативата и процесот на ПЗН.
Присутните беа согласни за исклучителната важност од воведување на ПЗН како алатка со која би се подобрила имплементацијата на законодавството за животна средина и климатски промени во земјата и подобрување на состојбата во овие сектори. Се дискутираше околу можните пречки и предизвици за воведување на ПЗН како законска обврска во Законите за животна средина и нацрт Законот за климатска акција.
Капацитетите на пратениците во собранието и техничкиот јазик на оваа проблематика беа наведени како клучен предизвик, но возможен да се надмине бидејќи во фазите на ПЗН се дозволува вклучување на сите засегнати чинители, меѓу кои и стручната и академска јавност која би можела да направи прибирање на потребните податоци. Во оваа насока и можноста за граѓанските организации кои работат во секторите животна средина и клима да го вршат прибирањето на податоци во првите фази од ПЗН.
Беше заклучено дека дискусијата за ПЗН мора да се случува во Собранието и тоа меѓу членовите на Зелената Парламентарна Група и Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.