Климатските промени се еден од најсериозните проблеми со кои се соочува светот денес. Ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, нивното здравје и производството на храна. Како земја која ги трпи последиците од климатските промени, но нема финансиски средства да се справи со штетите и загубите, Република Македонија е исклучително ранлива на климатските промени. И токму поради ова станува исклучително важно сите чинители во земјата кои работат на климатските политики да ја усогласат и интензивираат комуникацијата на овие теми со граѓаните.

За оваа цел, на 13-14 март во Скопје, Еко-свест организираше работилница за подобрување на комуницирањето на климатските промени помеѓу сите засегнати страни но и со јавноста, а во насока на зголемување на знаењата и информациите за овие теми кај надлежните институции и граѓанските организации кои работат на темите заради постигнување на зацртаните климатски цели на земјата и подигнување на свеста кај граѓаните. Работилницата ја спроведе Рене Карунуган, д-р во политички комуникации со повеќе од една деценија искуство во комуникацирање клима, развој на медиумски стратегии и подигнување на капацитети за разбирање климатски комуникации.

На работилницата учество земаа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Бирото за развој на образованието, претставници на општини и претставници од граѓански организации и иницијативи. Сите чинители заедно преку методот на ко-создавање работеа на лоцирање на целните групи, соодветни пораки и можни решенија за надминување на пречките во комуникацијата помеѓу институциите и помеѓу институциите и граѓаните, но и дефинирање на заедничка визија за она што се комуницира, како и со кој со цел подобрување на знаењето за климатските промени кај сите целни групи.

Резултатот од оваа работилница е документ за политики кои ќе содржи препораки од сите засегнати чинители за начинот на кој темите за климатски промени, мерките за климатска акција и климатските цели ќе се комуницираат помеѓу нив и кон јавноста. Документот ќе биде објавен до крајот на месец април.

Работилницата е во рамки на програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, имплементиран од Еко-свест, а финансирани од Шведска.