Носењето на политики од јавен интерес во сите сектори, но особено во секторите од значење за заштита на животна средина и климата мора да се случува во процес во кој се вклучени сите засегнати страни, а јавноста и особено локалните заедници се соодветно информирани, беше главната порака од овогодинешната средба на коалицијата за клима на граѓанските организации.
На 15 и 16 декември, 2023 година во Скопје се одржа годишната средба на Националната Коалиција за клима на граѓанските организации кои работат на полето на заштита на животната средина и климатските промени. Целта на средбата беше да ја сумира работата на граѓанските организации од секторите заштита на животна средина и климатските промени во изминатиот период. Се работеше и на информирање на членките за актуелните случувања во сектори клима, како и секторски реформи кои државата ги спроведува во делот на климатските промени.
„Да се биде амбициозен претставува предизвик, но ние тоа го гледавме и сè уште го гледаме како можност која е од корист за нашиот народ и за нашата економија“ – рече заменик министерката Оџаклиеска, додавајќи дека „ние преку сопствениот пример покажуваме дека имањето визија и амбициозните долгорочни и среднорочни цели се остварливи со заедничка и партнерска акција.“
„Граѓанските организации се клучен двигател на глобалните напори за постигнување јаглеродна неутралност. Додека владите, бизнисите и академијата имаат важна улога, притисокот да се променат неодржливите практики, да се оттргнат луѓето од нивните комфорни зони и да се комуницира дека има надеж во колективната акција мора да дојде од долу нагоре, а тоа е нешто кое граѓанскиот сектор го прави најдобро“. – рече НЕ. Ами Ларсон Јаин, Амбасадорка на Шведска.
„Коалицијата за клима јасно покажа, особено во минатата година, дека е активна мрежа која постојано ги следи тековните случувања и е подготвена заедно да реагира, како коректор на власта во клучни процеси поврзани со заштитата на животната средина.“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска, Извршна директорка на Еко-свест.
Националната коалиција за клима на оваа дводневна средба работеше на подготовка и усвојување на свои заеднички позиции и барања за тековните случувања во секторите клима и енергија, но и на Стратешкиот план за работа за 2025-2030 на коалицијата и планирање на идни активности и чекори.
Коалицијата за клима претставува најголемата неформална мрежа на повеќе од 70 граѓански организации и експерти кои работат на прилагодување и ублажување на климатските промени.
Работата на Коалицијата за клима на ГО и годишната средба се поддржани преку проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ финансиран од владата на Шведска, спроведуван од Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП Македонија).