Потребно е да се усвојат сите закони и навремено да се транспонираат ЕУ регулативите, што е особено значајно за Поглавјето 27 со цел подобрување на состојбите во животната средина и климата. Неопходно е да продолжиме да работиме на капацитетите на граѓанските организации со цел нивно соодветно учество во процесите на подготовка, коментирање но и понатамошна комуникација на законите и подзаконските акти од Поглавјето 27. Напредокот во усогласувањето на националното законодавство со европското сеуште се одвива бавно а во последната година скоро и да нема напредок во усвојување на нови законски прописи кои произлегуваат од поглавјето за животна средина и климатски промени.

Ова беа главните забелешки од граѓанските организации членки на националната коалиција за клима кои во рамки на Платформа 27 ги презентираа како дел од напредокот во реализација на Поглавје 27 кој се одржа вчера во Europe House во Скопје. Настанот се одржува како дел од проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ поддржан од Владата на Шведска.

Заменичката амбасадор на Шведска, НЕ г-а Елисабет Далберг Фриск ја поздрави оваа корисна и конструктивна оцена и критика во полето на животната средина и климата и порача дека истата може на носителите на одлуки да им помогне да ги фокусираат и насочат своите напори, а воедно и да ги информира партнерите како ЕУ, Шведска и меѓународните финансиски институции за тоа каде има потреба од дополнителна поддршка. На крај, извештајот може да служи како алатка за самоорганизирање и изнаоѓање на информирани решенија од страна на самиот невладин сектор.

Извештајот во сенка за поглавјето 27 се подготвува трета година по ред, а препораките во многу од под- поглавјата институциите го гледаат како корисно согледување на она што треба да се подобри. Во најновиот извештај беше истакнато дека оценките за влијание врз животната средина мора целосно да се усогласат со директивите на ЕУ и да има навремено и видливо објавување на сите информации поврзани со овие документи. Мора да се обезбеди ефикасно и ефективно учество на јавноста во донесувањето на одлуки од значење за животната средина и климатските промени.

„Граѓанските организации се очите и ушите на терен, тие се оние кои забележуваат несоодветна имплементација, кога и дали нешто функционира во пракса или не, а институциите можат да добијат многу корисни информации од граѓанскиот сектор за тоа дали и колку законите се имплементиираат и кои се проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Кога се слуша овој глас, штетите можат да се избегнат или корегираат на време и да се поправи состојбата пред да предизвика поголема штета. Главната причина зошто го работиме ова е да го заштитиме интересот на граѓаните, да го заштитиме чистиот воздух, вода и почва.“ – Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест