Граѓанските организации, членки на националната коалиција за клима, на годишната средба која се одржа во Скопје на 29 и 30 ноември како клучно прашање до делегатите на 29тата конференција за клима прашаа каде ќе се насочат финансиите во наредните децении во свет со зачестени катастрофални бури, поплави и суши во кој станува се потешко да се живее и работи.
Една од дискусиите на средбата беше околу заклучоците и текстот на одлуката од 29тата конференција за клима која штотуку заврши во Баку, Азербејџан изаврши со нецелосни и нејасни одлуки и без дискусија околку клучните прашања.
„Потребно е да се мобилизираат повеќе финансиски средства од развиените земји и да се насочат кон фондот за адаптација за да можат најмалку развиените земји кои трпат најмногу штети и загуби од последиците од климатските промени брзо да се адаптираат и да се намалат овие загуби и штети. Како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, Македонија е потребно итно да започне со изработка на Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерките за адаптација.“ – рече Елена Николовска, програмски координатор за клима во Еко-свест
Присутните разговараа за потребата од транспарентно носење на политики и мерки и подобра комуниација и координација со одговорните ресорни министерства и институции на национално и локално ниво. Внимателно планирање за постепено напуштање на фосилните горива, бидејќи е проблем кој ги засега сите области на општеството. Се зборуваше за зајакнување на локалните заедници и локалните граѓански организации како начин да се зајакне и подобри носењето одлуки и спроведувањето мерки на локално ниво.
Панелот за поттикнување волонтеризам во еколошкиот граѓански сектор се осврна токму на можноста што ја нуди за зајакнување на граѓанскиот сектор на локално ниво. Панелистите беа согласни дека волонтерството се гради и треба да стане дел од културата на однесување, а еколошките организации треба да бидат дел од формалното образование. Од панелот за еколошка правда произлезе заеднички заклучок дека граѓанските организации се моќен сојузник на локалните заедници кога се справуваат со еколошки неправди и ваквата соработка треба да се продлабочи.