Почитувани,
Би сакале да Ви се заблагодариме за поканата учествуваме на состаноците кои
претходеа на подготовката на нацрт Инвестицискиот план за забрзана транзиција од
јаглен, како и да споделиме контакти од засегнати чинители од граѓанскиот сектор.
Сметаме дека рано вклучување на сите засегнати чинители е пресудно за носење
политики и закони со високо значење за декарбонизација на секторите со најголем удел
во емисиите на стакленички гасови во земјата.
Информираме дека членките на Националната коалиција за клима одлучија да не
учествуваат на јавната презентација на нацрт Инвестицискиот план за забрзана
транзиција од јаглен бидејќи не се исполнети следните услови за соодветна
консултација:
- Документите мора да бидат доставени на официјален јазик на државата –
македонски јазик. - Мора да биде обезбедено разумно време за прегледување на обемната и
техничка документација и доставување на коментари. - Планот треба да содржи конкретни проекти кои би биле разгледувани и
коментирани. - За Планот мора да се достави Стратешка оцена за животна средина која треба
да биде предмет на консултација заедно со Планот. - За Планот и СОВЖ треба да се организираат јавни расправи во разумни рокови.
Според сите меѓународно признаени принципи за процесот на праведна транзиција,
најдобро е овој процес да потекнува од засегнатото население во регионите со јаглен,
а без исполнување на условите наведени погоре тоа е оневозможено.
Поради тоа очекуваме исполнување на горенаведените услови за соодветна
консултација на документот со цел подготовка и усвојување на план согласно
принципите на праведна транзиција и постапката за носење стратешки документи
согласно националното и ЕУ законодавство.
Со почит,
Еко-свест во име на Национална коалиција за клима на Граѓански организации