Дали имаме доволно гаранции дека изградбата на автопати нема да влијае негативно врз шумскиот фонд?

Владата на РСМ на 7.3.2023 година го одобри договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д. Групи пратеници поднесоа девет предлози за изменување закони, кои, според образложението, се неопходни за реализација на проектот. Меѓу другите беа предложени и измени на Законот за шумите. Со предлог-измените се уреди дека постапката за трајна пренамена на шумско земјиште нема да се врши кога се работи за „за градби од стратешки интерес утврдени со закон“. Владата на 8.5.2023 со користење на т.н. скратена процедура со „европско
знаменце“ достави предлози за пет од законите за кои веќе беа поднесени предлози од пратениците. Меѓу нив не беше Законот за шуми иако планираната делница од Гостивар до Букојчани во голема мерка минува низ шумско земјиште и ќе треба да се изврши сечење шума.

Она што останува како гаранција дека при зафаќањето на шумите ќе бидат преземени мерки за заштита на животната средина е спроведувањето постапка за оцена на влијанието врз животната средина. Оцената на влијанието врз животната средина има цел да ги предвиди потенцијаните штетни влијанија врз животната средина и да ги избегне или намали таквите штетни влијанија, при што истовремено треба да се доведат во рамнотежа целите во однос на животната
средина, социјалните и економските цели.

Прочитајте го документот во целост.