Постојната правна и институционална рамка во Република Северна Македонија не ги обезбедува сите потребни услови за ефикасно и ефективно спроведување и следење на донесените мерки и политики за ублажување на климатските промени и потребно е да се преземат активности на национално и локално ниво за надминување на состојбите.

Законот за климатска акција ќе воспостави рамка за климатска акција за
намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата и за отстранување по пат на природни и други апсорбенти, како и адаптација кон климатските промени.

Потребно е да се обезбедат одговорности на институциите во климатските активности со неопходен, квалификуван персонал и, колку што е можно, посебна структура за климатско дејствување, било да е тоа сектор или одделение.

Со Законот за климатска акција се воведува надоместок за јаглерод, кој ќе подразбира дека правните лица што вршат дејност, односно активност и кои испуштаат стакленички гасови при вршење на дејностите, се должни да плаќаат надоместок за емисија на стакленички гасови за секој тон верификуван емитуван јаглероден диоксид или еквивалент на јаглероден диоксид. Воведувањето на јаглеродниот надоместок може да претставува можност за наменско трошење на парите и унапредување на животната средина за граѓаните.

Документот за политики и препораките беа дискутирани на работна средба во Собранието со пратеници од Зелената парламентарна група. Се дискутираше дека со законот за климатска акција треба да се воведе начин за надоместување на испуштањето на јаглерод во атмосферата од страна на индустријата и енергетскиот сектор. Тоа ќе биде и една од обврските на земјата во пристапувањето кон Европската Унија. Надоместок за емисиите на јаглерод при производството на индустриските производи ќе биде еден од условите за да можат нашите компании да имаат пристап до светските пазари.

Прочитајте го документот во целост.